Иако во петокот се усвои укинување на ДДВ, цените на основните производи низ маркетите и натаму се исти.
По намалувањето на цената на горивата, се очекува корекција и на цената на основните прехранбени производи согласно антикризните мерки на владата и законските измени за висината на акцизата и стапката на ДДВ-то кои во петокот добија зелено светло во Собрание. Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека тоа ќе се реализира најдоцна до четврток.
Што се однесува до нафтата и нафтените деривати само што стапи на сила, сега веќе на дневна основа ќе се менуваат цените зависно од измените на берзата. Што се однесува до измените на ДДВ за храната или прехранбените производи, тие ќе стапат а сила најдоцна до 17 месецов. Треба да се направи интервенција на фискалните каси кај сите оние кои се бават со трговија на мало.
Кога фискалните каси ќе бидат готови, тогаш ќе се усогласат цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата. За оваа храна намалената е стапката на ДДВ од 5 на 0% и оваа мерка ќе трае до крајот на месецот. Во исто време,маржите за некои производи се замрзнати и се укинати царинските такси за увоз на основни прехранбени производи.
