Колку ќе добијат пензионерите со покачувањето? – Опозицијата вели дека моделот со кој власта се фали бил нивен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата методологија на усогласување на пензиите два пати годишно и тримесечна исплата по илјада денари се договорот кој вчера доцна попладне го постигнаа претставниците на пензионерите со Владата. Ова би значело дека просечното зголемување на пензиите за годинава ќе изнесува околу 900 денари, а за месеците април, мај и јуни пензионерите линеарно ќе добијат по илјада денари. Премиерот Димитар Ковачевски по постигнатиот договор изјави дека со овој договор ќе им се помогне на 330 илјади пензионери во време на економска и енергетска криза.

„Ќе имаме воведување на нова методологија за покачување на пензиите која што ќе биде направена врз основа на таканаречената швајцарска формула, односно 50 проценти од зголемување на цените на трошоците за живот и 50 проценти во учество во методологијата во зголемување на просечната плата. Исто така се договоривме дека Владата ќе исплати финансиска помош на сите пензионери од по илјада денари за три месеци април, мај и јуни кои што ќе помогнат во зголемувањето на буџетот на пензионерите“, истакна Димитар Ковачевски.

Но колку ова ќе го издржи Фондот на пензиско и инвалидско осигурување. Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека нема опасност за стабилноста на Фондот.

„Средствата пред ребалансот се предвидени, ќе се реализираат, делумно од Пензискиот фонд каде што има доволно средства во овој период и ликвидноста во однос на исплатата на пензиите, без разлика на економската и енергетската криза во ниту еден случај нема да биде под знак прашалник“, порача Фатмир Бесими.

Инаку, со воведувањето на оваа методологија усогласувањето на пензиите се врзува со растот на трошоците на живот и со просечната плата и во иднина нема да зависи од тоа дали некоја влада ќе донесе одлука за нивно зголемување. Претседателката на Сојузот на организации на пензионери Станка Тодорова се задоволни со ова решение.

„Усогласувањето на пензиите како долгорочно системско решение кое што непосредно ќе се применува и нема да зависи од никаков акт на Влада, туку едноставно обезбедува правна сигурност на корисниците на пензија“, вели Станка Тодорова.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека претходно тие го донеле овој метод а сега власта се фали со нивно решение.

„Тоа што им го украдоа на пензионерите и за кое што зборувавме уште пред 3 години се обидуваат сега да го санираат претставувајќи го како некој иновативен швајцарски модел. Тоа е практично законот од пред 2018 година, 21 декември кое што оваа криминална и корумпирана Влада го донесе кога им ги намали пензиите на пензионерите и сега се обидуваат со некакви трикови да објаснуваат швајцарски модели, но тука нема ништо швајцарско“, вели Христијан Мицкоски.

Претходно Владата договори и зголемување на минималната плата на 18 илјади денари, но по ова се јавија и од синдикатот на вработените во администрацијата од каде велат дека доколку не се зголемат и нивните плати тие ќе бидат само малку над минималната плата. Најавија, доколку не се исполни нивното барање за скалесто зголемување на платите  дека ќе организираат протести и блокирање на работата на одредени институции.