Старо новиот премиер Зоран Заев сè уште не го доставил својот нов анкетен лист до Државната комисијата за спречување на корупцијата. Во последниот кој го доставил, Заев нема стан, автомобил, мотор иако често на фотографии по социјалните мрежи тоа знаеше да го прикаже. Во тој анкетен лист се наведени побарувањата од 4 милиони денари, кои Заев ги бара , а кои во 2012 година ги дал на заем.
Засега нема промени во анкетниот лист на досегашниот технички премиер, актуелен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Кај пратеникот и еден од замениците претседатели на СДСМ, Мухамед Зеќири има промена во анкетниот лист. На првиот поднесен пред неколку години на личен имот, имаше два станови, и две моторни возила марка БМВ.
Сега, моторните возила БМВ, се заменети со Мерцедес 220. Еден во негова и другиот во сопственост на неговиот брат. Од недвижности, сега има еден стан и куќа во Скопје.
Во списокот на најимотни прв на листата е Насер Нуредини од ДУИ кој досега ја извршуваше функција министер за животна средина. Тој од личен имот поседува стан во Австрија, кој вреди еден милион евра, потоа инвестиции во фондови во вредност од 140 илјади евра и депозит во банка тежок 90 илјади евра и кредит од 12 илјади евра.
Со детален опис на имотната состојба во анкетните листови по него на листата е Мила Царовска. Под ставка личен имот таа во анкетниот лист навела дека поседува имот вреден 64 илјади евра. Од личен имот таа во имотниот лист запишала дека поседува Тојота Јарис и градежно земјиште во Пониква купено во 2018 година, потоа акции во вредност.
Веднаш по неа е досегашниот министер за култура Хисни Исмаили. Неговиот имот заедно со наведениот имот на неговите родители и брачен другар тежи 1,4 милиони евра. Во анкетниот лист тој навел дека поседува 4 стана, две куќи, девизен депозит во банка и деловен простор во Тетово.
Освен Царовски и Нуредини уште четворица други добитници на пратенички мандати пријавиле дека имаат имот надвор од земјава.
Никола Димитров стан во Хаг Холандија
Антонијо Милошоски стан во Германија сопственост на неговите деца
Али Ахмети има земјиште во Албанија
Енис Ибрахим навел дека неговиот брат има деловен простор во Истанбул. Турција
На листата од пратеници „тешки половина милион евра “ е и лидерот на ДПА Мендух Тачи кој во својот анкетен лист навел недвижен и движен имот во вредност од 445 илјади евра.
Мицкоски додека бил директор во АД ЕЛЕМ според истражувањето на СКУП, во анкетниот лист навел дека поседува имот вреден 552 илјади евра. Тогаш пријавил дека поседува станбена куќа со двор во Скопје, депозити од 75 илјади евра, на банкарска сметка 30 илјади евра, и Цитроен Ц5. Во тој период имал и кредит од 9 илјади евра и заем од 75 илјади евра.
Како помалку имотни лидери се претседателите на ДУИ Али Ахмети,на Алијанса за Албанците Зијадин Села и на Беса Биљал Касами.
Димитар Апасиев, лидерот на Левица е нов пратеник во македонското Собрание. Според неговиот анкетен лист, тој на свое име пријавил стан, стекнат со договор за купопродажба, од 60 метри квадратни во Скопје, проценет на 3,9 милиони денари. На име на сопругата пријавил возило Алфа Ромео, а на свое име пријавил и стипендија која ќе ја зема до 2022 година. Интересно е дека заедно со сопругата имаат три кредити.
Во следниот период, сите избрани функционери до ДКСК ќе треба да достават нови или пак да ги ажурираат податоците.
