Комитетот на Бернската конвенција во Советот на Европа упати апел до РСМ да ги прекине сите проекти и активности кои се спротивни на одредбите на УНЕСКО.
Да се одложи усвојувањето на клучните документи се до усвојување на препораките од УНЕСКО, да прекинат сите процедури за натамошен урбанизам и други градежни активности во и покрај заштитените подрачја вклучително и административните постапки за истите како и сите постапки за легализација на дивоградби.
Според екологистите, ова е уште еден жолт картон за земјава од меѓународните институции. Таквите документи испратени од Советот на Европа се почетна мерка која треба да ги освести институциите и субјектите кои работат на заштита на природното и културното наследство.
„Комитетот ја повика државата да ги стопира сите тековни проекти и активности кои се спротивни на одредбите во Бернската конвенција; додека не се оствари мисијата да го одложи усвојувањето на клучните документи; сè до усвојување на препораките од мисијата на терен да ги стопира сите постапки за понатамошна урбанизација и други градежни зафати на и во близина на подрачјата (вклучувајќи ги и административните процедури за истите), како и сите постапки за легализација на дивоградбите на овие територии“, велат од Фронт 21/42
Од друга страна Македонија и Албанија треба да изготват заеднички план за заштита на регионот според препораките на УНЕСКО.
Македонија и Албанија како држави кои менаџираат со Охридскиот регион како културно и природно светско наследство, треба да достават извештај до УНЕСКО за остварениот напредок во спроведување на активностите за заштита. Но екологистите гласно велат дека ништо не е направено за Охрид да не биде на листата на загрозени подрачја. Продолжува неконтролираната урбанизација, дивоградбите не се отстранети и не се води грижа за заштита на Охридското езеро.
