Постои оптимизам дека компромис за уставните измени може да биде постигнат до крајот на годинава – изјави австрискиот амбасадор во Македонија, Мартин Памер. Според него фокусот премногу се става на тоа прашање отколку на сроведувањето на техничките работи кои ја носат Македонија поблиску до Европската Унија.
„Владата на Северна Македонија во моментов работи на патоказите и акциските планови, мислам дека патоказот за малцинствата е предаден до Европската комисија овој месец. Има одреден оптимизам таму, компромисот од 2022 да биде постигнат до крајот на оваа година. Ќе видиме. Но како што реков не треба толку да се фокусираме на тоа, има доволно други работи кои треба да бидат завршени, за граѓаните, за земјата“, вели Памер.

Памер рече дека технички долго време сме на патот кон ЕУ. Следниот чекор е формално да се отвори втората меѓувладина конференција, но скринингот тече, работата на кластерите се одвива.
Заменик-министерката за европски прашањa, Викторија Трајков рече дека предолго и неправедно сме во чекалната на ЕУ и сме изморени од ветувања и условувања. Новата Влада постави црвена линија – тоа е нашиот македонски идентитет кој нема да дозволиме да биде обременет со билатерализација – порача Трајков.
„Нашите црвени линии се добро познати и не би сакала да се повторувам во тој домен, меѓутоа ние го користиме секој капацитет и сите пријателства на домашен и меѓународен план да може да успееме во нашата намера како Европа да биде, Македонија да биде препознаена како држава во Европа која што заслужува после толку време да биде дел од тоа семејство.“, рече Трајков.

Според експертите, главните предизвици не само за Западен Балкан, туку и за светот, се владеењето на правото.
„Не само Северна Македонија, туку и целиот Западен Балкан и самата ЕУ, но и предизвик за целиот свет се многуте турбуленции во основите, во владеењето на правото. За жал, моменталниот развој, геополитичките настани, не ја прават нашата работа да биде многу полесна во контекст на владеењето на правото, туку спротивно“, рече Габриел Лански, директор на бордот на Академијата за европски интеграции.
Пораките беа испратени од панел дискусијата „Патот на Македонија кон ЕУ-предизвици и можности во 2025 година“ во организација на Австриската амбасада во Скопје и Академијата за европски интеграции.
