Постојат настани во историјата на една држава кои не се мерат со време, туку со болката што ја оставаат зад себе. Денот на пожарот во Кочани беше најтежок ден во мојот живот, рече премиерот Христијан Мицкоски на Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија организирана по една година од пожарот. На самиот почеток со едноминутно молчење беше оддадена почит за загинатите а нивните имиња ги прочита Мицкоски.
„Трагедијата во Кочани остави длабока рана во нашето општество. Во една ноќ се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори болка која ќе остане долго во сеќавањето на нашата држава. Во тие часови цела Македонија застана. Веста се прошири со брзина која носеше неверување, страв и тага“, рече Мицкоски.

Министерот за здравство Азир Алиу се осврна на пожртвуваноста на здравствените работници во првичната интервенција за спасување на животите, помагање на повредените, а потоа и психолошки третмани. На конференцијата присуствуваа и лекарите од странство кои несебично се вклучија во спасувањето на повредените, за што Алиу им изрази огромна благодарност.
„Вашата професионалност, солидарност, хуманост ќе останат длабоко запаметени. Искрено ви благодарам многу за тоа. Во миговите кога секоја минута значеше надеж вие бевте вистинските, пожртвуваните сојузници во борбата за секој човечки живот“, изјави Алиу.
Благодарност за меѓународната помош изрази и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој рече дека голема надеж добил од своите колеги од други држави кои веднаш понудиле помош по што вкупно 115 лица беа транспортирани и згрижени во болниците во многу држави а во нашата држава пристигаа лекари од странство.
„Во тие тешки денови се покажа дека вистинската сила на дипломатијата е меѓународната солидарност. Благодарение на брзата комуникација со нашите партнери, активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита и подготвеноста на многу држави да помогнат нашите пациенти добија медицинска грижа во болници ширум Европа“, изјави Муцунски.
На 16 март се одбележува една година од пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 63 лица а над 200 беа повредени.
