Конкурсот за 155 вработувања во Клиничката болница во Тетово сè уште не е завршен, бидејќи имало жалби на второ ниво од други кандидати. Според директорот на болницата, дел од кандидатите се веќе примени на работа, додека останатите чекаат конечна одлука.
„За конкурсот за 155 вработувања во Клиничката болница во Тетово, донесовме одлуки и се чекаат завршувањето на законските процедури за да се издадат и останатите одлуки. Како што во декември издадовме 28 работни решенија за специјализантите во Клиничката болница во Тетово, кои веќе го даваат својот придонес во болницата, во понеделник издадовме и за десет вработувања во Клиничката болница во Тетово каде имаше жалби, но жалбите беа неосновани.“, изјави директорот Ерзен Елези.
Според Елези, и покрај жалбите, конкурсот нема да се повтори.
„Не, нема нов конкурс. Истиот конкурс продолжува и ќе се реализира. Верувам дека во рок од максимум еден месец ќе биде завршен.“, изјави Елези.
Пред неколку недели во Тетово беше и министерот за здравство, Азир Алиу, кој изјави дека поради изборите имало процедурни одложувања.
„Првиот дел заврши успешно. Знаете, поради локалните избори процесот беше стопиран, а по изборите продолжи таму каде што застана. Директорот го заврши овој дел успешно и сега лекарите и медицинските сестри се дел од здравствената инфраструктура во Тетово, а процедурите за второто повикување се во тек и се надевам дека и тоа ќе се заврши.“, изјави Алиу.
Според директорот, потребни се нови вработувања во болницата во Тетово и тие доставиле барање во годишниот план, кое е одобрено. Тој додаде дека потребата за кадар е голема, бидејќи во последните 10 години во болницата во Тетово не се донесувале решенија за вработување.
