Коњуфца за состојбата на северот од Митровица – „Не дозволуваме Вучиќ да командува со Косово преку криминални банди“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Србија со свои постапки сака ситуацијата на северот на Митровица да ескалира до пошироки размери. Ова го изјави претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, кој денеска престојуваше во Скопје. Тој додаде дека Косово е одлучно за дијалог и бара меѓународната заедница да биде погласна во осудата на овие дејствија оркестрирани од Белград, притоа нагласувајќи дека нема да дозволи Вучиќ да командува со Косово преку криминални банди.

„Тие имаат за цел дестабилизација на Косово, де факто поделба на државата Косово. Ние како народ сме многу обединети да се бориме со овие активности кои имаат и руско влијание како геополитичка позадина. Овие експоненти, како што знаете, се на црната листа на САД, сега и на Велика Британија, а се надеваме дека еден ден и тие ќе се најдат на црната листа на ЕУ. Нема да дозволиме Вучиќ да командува преку банди на територијата на Косово“, вели Глаук Коњуфца.

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, ги повикува и Косово и Србија да постапат рационално. Вели дека го поддржува конечниот договор прифатлив за двете страни.

„Во однос на дијалогот Приштина-Белград, нашиот став е ист како и досега, целосна поддршка до постигнување на конечниот договор, прифатлив за двете страни, договор кој ќе гарантира мир, стабилност, безбедност и напредок на двете земји и на регионот во целина. Секако, постигнатиот договор за регистарските таблички со посредство на ЕУ е чин кој влијае на намалување на тензиите на северот на Косово, тоа е позитивен знак и поттик за продолжување на преговорите до нормализација на односите меѓу двете земји. Во контекст на економската соработка како комплементарен поттик за натамошно унапредување на билатералните односи, ние целосно ја поддржуваме“, вели Талат Џафери.

Џафери на заедничката прес конференција со неговиот колега од Косово, Глаук Коњуфца, истакна дека Македонија го поддржува членството на Косово во регионални и мултилатерални организации. Двајцата истакнаа дека продолжуваат да имаат конструктивни и интензивни билатерални односи и дека ја поддржуваат иницијативата за одржување на следната заедничка седница меѓу Косово и Северна Македонија.