Автопатот од Коридорот 8 ќе се гради до границата кај Ќафасан, тука нема дилема, само треба да се најде по која траса. Ова го изјави министерот за транспорт Александар Николоски.
„За Коридорот 8 пораката е јасна – да се најде друга алтернатива или, врз основа на алтернативната траса, да се најде друга алтернативна траса од онаа што била предвидена како алтернатива во договорот, истата да се разговара со Албанија за и тие да можат да се поврзат и на тој начин да се изгради, и ние за овој проблем интензивно комуницираме со Албанија и имаме презентирано неколку опции. Така што автопатот ќе се гради. Прашањето веќе не е дали ќе се гради, туку само да се најде соодветната траса“, изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Тој додаде дека најтешкиот дел од автопатот Кичево–Охрид речиси е готов и дека делницата од селото Извор до Врбјани се очекува да биде пуштена во употреба во октомври. Според него, останува да се реши само делот кај Ботун, а се очекува во првиот квартал од 2027 година овој автопат целосно да биде ставен во функција.
„Две галерии се целосно завршени. Третата е 70 отсто завршена, четвртата е на 50 отсто динамика, во Ботун се работи на тунелите, се поставува софтверот, сигнализацијата, системот за вентилација, системот за пожари и модерен контролен центар кој се поставува за зголемување на безбедноста и очекуваме на почетокот на октомври овој најтежок дел од автопатот Кичево–Охрид да биде ставен во функција“, изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Во меѓувреме, првите километри од автопатот Тетово–Гостивар се очекува да бидат готови следната година, додека целосното завршување е предвидено во 2029 година. Вториот дел, од Гостивар до Букојчани, исто така се очекува да заврши во 2029 година, додека, според министерот, се очекува и одлуката за делницата од Букојчани до Кичево.
