Власта само декларативно се заложува за евроинтеграцијата, оценува политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски. Според него, последните дипломатски активности покажуваат промена во приоритетите.
„Нашиот премиер сто пат досега јавно кажал дека на овој начин со таканаречени ултиматуми и уцени од Софија, па ако сакате и Брисел, апсолутно дека како премиер нема да попушти. Значи, ние сме во една цајтнот ситуација, во која работите се апсолутно видливи со голо око – дека Македонија дефинитивно ги има или напуштено или воопшто нема да бидат на дневен ред македонските евроинтеграции“, изјави Благојче Атанасовски, политички аналитичар.
Атанасовски додава дека евроинтеграцијата е во заден план и ќе се градат други дипломатски сојузништва.
„Тоа е да имаме што поблиски и подолготрајни односи со т.н. суверенистички држави во смата Европска Унија, како што се Словачка, Унгарија или Турција на Реџеп Таип Ердоган, „новото нормално“ е сега во САД со новоизбраниот претседател Доналд Трамп“, изјави Благојче Атанасовски, политички аналитичар.
Последно, еврокомесарката Марта Кос истакна дека поради руската агресија во Украина, Брисел останува на ставот дека ќе го забрза проширувањето на земјите-кандидатки.
„Геополитичката ситуација со која се соочуваме изискува храбри одлуки за Украина, но нашата цел не е само забрзан пат за Украина сама. Забрзан пат! Тоа би требало да биде блупринт за забрзана европска интеграција“, изјави Марта Кос, еврокомесарка за проширување.
Премиерот Христијан Мицкоски пак истакна дека не треба да постојат дилеми дека власта останува посветена на остварување на стратешката цел за полноправно членство во Унијата.
