На Самитот на „Отворен Балкан“ кој се одржува во Охрид, изостана Косово, но не и Црна Гора и Босна и Херцеговина, чии претставници дојдоа како гости.
Во своето обраќање, премиерот Димитар Ковачевски ги покани двете земји да ѝ се приклучат на иницијативата „Отворен Балкан“, а во однос на Косово рече дека поканата стои отворена.
Црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ, рече дека минатото не можеме да го промениме, туку само иднината.
-Треба да го ребрендираме Балканот. За да го ребрендираме треба да воспоставиме комуникација меѓу себе, да ја зајакнеме довербата и да си подадеме рака едни на други. Ова е единствениот начин да ја промениме иднината на сите земји од Западен Балкан, рече Абазовиќ.
Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, рече дека неговата земја нема консензус за проектот „Отворен Балкан“. Тврди дека имаат притисок од неколку амбасади кои им велат дека не треба да бидат дел од ваква иницијатива.
-Една од причините е и политичкото влијание на разни групи кои мислат дека не би било успешно доколку се прифати оваа иницијатива. Секако дека во Босна и Херцеговина отсекогаш имало надворешни влијанија, од поединци, од различни амбасади кои сметаат дека БиХ не треба да стане дел од иницијативата, рече Тегелтија.
Иницијативата „Отворен Балкан“ беше покрената во 2019 година, и засега брои три членки: Северна Македонија, Албанија и Србија. Иако овој концепт има поддршка од ЕУ и САД, сепак до денес не успеа да оствари проширување.
