Вршителот на должност премиер на Косово и лидер на Движењето Самоопределување (ЛВВ), Албин Курти и претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, постигнаа договор за консензуален кандидат за претседател на Косово.
Заедничкиот избор на двете политички партии е професорот д-р Беким Сејдиу.
„Се договоривме за едно име, а тоа е проф. д-р Беким Сејдиу“, изјави Абдиџику по средбата.
Сејдиу го прифатил предлогот да биде кандидат за претседател, посочувајќи дека одлуката ја донел имајќи ги предвид актуелните политички околности во Косово и одговорноста што ја носи функцијата.
„Ме прави почестен довербата што ми ја дадоа двете политички партии. Тоа е голема чест. Свесен сум за товарот и одговорноста што ги носи функцијата претседател, но и за актуелниот политички контекст. Се ставам во служба на Република Косово и на нашите граѓани, за да служам посветено“, изјави Сејдиу.
Беким Сејдиу е професор по право на Универзитетот во Приштина и поранешен судија на Уставниот суд на Косово.
Во својата професионална кариера бил ангажиран и во косовската дипломатија. Меѓу другото, ја извршувал функцијата амбасадор на Косово во Турција, како и генерален конзул во Њујорк.
Сејдиу рече дека неговите професионални и академски амбиции досега главно биле насочени кон универзитетската и стручната работа, но одлучил да ја прифати кандидатурата поради сериозноста на функцијата и актуелната политичка состојба во земјата.
Тој изрази надеж дека институциите и политичките субјекти ќе успеат да најдат решение за надминување на актуелната состојба.
„Се надеваме и веруваме дека Република Косово ќе најде начин да продолжи напред и да се соочи со големите предизвици што нè очекуваат“, порача Сејдиу.
