Костовски во отворено писмо до јавноста денеска ги повика сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народната банка да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка.
„Јас, Трифун Костовски, еден од акционерите на Еуростандард банка, јавно ги повикувам сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народната банка на Република Македонија да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба. Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно во согласност со Законот за банките. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните. Потенцијални купувачи на банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор“, вели Костовски.
Од Народна банка возвратија дека работат исклучиво по законите и во интерес на граѓаните.
„Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје на 12 август 2020 година, заради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на Банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор којшто ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка. Согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, банката престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка“, велат од Народна банка.
Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка на 12 август, а потоа надлежниот суд отвори стечајна постапка.
