Ковачев: Нема билатерален спор – според Мицкоски, ЕУ е дел од билатералниот спор со Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Напорите на власта во Скопје се на штета на европската иднина на Македонија, истакна бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, коментирајќи ги барањата за промена на условите од францускиот предлог. Тој во „Дејли клик“ истакна дека ја поддржува желбата на земјава за членство во Европската Унија.

„Македонското раководство и го губи времето на својата држава, наместо да започне со преговори. Наместо сега да е еден од првенците во европската интеграција, тие започнаа да користат пари, дипломатија во Брисел, во Вашингтон, во Париз и да одат да објаснуваат дека нешто требало да се промени. Тоа е загубено време, има усвоена европската рамка за започнување на преговорите.“, вели Андреј Ковачев.

Тој повтори дека треба да се исполнува и Договорот за добрососедство со Бугарија, велејќи дека е дел од преговарачката рамка и посочи дека во Македонија се користи говор на омраза.

„Тоа не се билатерални прашања, туку се основни човекови права и добрососедството е основен критериум за членство.“, вели АНдреј Ковачев

Премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи за евроинтеграцијата, спомена дека сепак станува збор за билатерален спор кој го користат политичките кругови во Софија како врвен приоритет.

„Билатералниот спор којшто ние го имаме со нашиот источен сосед е спор генерално којшто нема никаква врска со вредностите на 21 век и ценам дека треба час поскоро ние како држава да ги отпочнеме и формално преговорите со Европската Унија, коишто се дел од овој билатерален спор.“, вели Христијан Мицкоски.

Премиерот неодамна повика Брисел и Вашингтон да го олеснат процесот на дијалог меѓу Скопје и Софија.