Нашата јасна цел е нашиот пат кон Европската унија и сметам дека она што се случува во Украина е доволна причина унијата да ја донесе одлуката за проширување кое има геостратешка важност. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на Економскиот форум Делфи во Грција каде се дебатираше за влијанието на случувањата во Украина врз Европа. Секое натамошно одлагање, рече тој го зголемува евроскептицизмот во земјата, а со тоа се зајакнува и охрабрува интересот на трети сили кон регионот.
„Западниот Балкан и Балканот како целина отсекогаш била сфера на интерес и за Русија но и за други држави, да, и Кина. Во минатото можевме да го видиме нивното економско присуство во регионот, практично на сите земји, вклучително и Грција и другите. Имаме јасна цел, имаме јасно разбирање меѓу главните политички партии во државата особено оние кои што се дел од Владата за нашиот пат кон Европската унија и токму поради тоа ние секогаш останавме на овој пат“, истакна Димитар Ковачевски.
Свое обраќање на панелот „Европа после Украина“ имаше и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ја повика Европската унија да покаже стратешко лидерство за Западниот Балкан. Македонија е кредибилен партнер на НАТО, но исто така и на Европската унија со тоа што се приклучивме кон одлуките на Унијата во однос на агресијата на Русија врз Украина, рече тој.
„Се надевам дека Европската унија ќе ја разбере важноста на моментот и ќе преземе стратешко лидерство за Западниот Балкан, како што го стори тоа во 2000 година кога презеде стратегшко лидерство за источноевропските земји и мислам дека руската агресија покажа, за жал, на најтрагичен начин колку беше важна таа одлука на Европската унија за интегрирање на централноевропските и источноевропските земји“, посочи Бујар Османи.
На маргините на Форумот, Ковачевски и Османи имаа средби и со високи личности од регионов како и од Европската унија, но и со заменик помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави за европски прашања Габриел Ескобар.
