Ковачевски и Ременски поднесоа кандидатура – на 12 декември ќе се тркаат за прв човек на СДСМ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Димитар Ковачевски и Фросина Ременски официјално доставија кандидатура за претседател на СДСМ. Заменикот-министерот за финансии, Ковачевски се смета за фаворит на актуелниот партиски лидер, Зоран Заев, кој на средбите со Алтернатива за проширување на мнозинството, оди во придружба токму на Ковачевски.

Кандидатката Ременски запрашана околу фаворизирањето на Ковачевски, рече дека „не е се јасно“, иако, како што додава, тој веќе ја има поддршката на Владата.

Поранешната пратеничка од редовите на социјалдемократите откри зошто одлучила да се кандидира, додавајќи дека во овој период очекува обединување и консолидација на СДСМ за намалување на разликите меѓу одредени партиски структури.

Неофицијално се дознава дека во трката ќе има вкупно тројца кандидати кои ќе се обидат да застанат на челната позиција на СДСМ, но името на третиот кандидат сѐ уште не е познато. Внатрепартиските избори во СДСМ ќе се одржат на 12 декември. Изборите доаѓаат по оставката на претседателот Зоран Заев, која ја поднесе поради поразот на локалните избори.