Оставката на Зоран Заев е констатирана.По долгата расправа и реакциите на голем дел од членството и раководството на партијата кои не се согласуваа со неговото заминување, неговата оставка сепак е потврдена на двете највисоки партиски тела Извршниот одбор а потоа и Централниот одбор на СДСМ по што веднаш беше започнат процесот за внатрепартиски избори. Каде ќе биде Заев по оставката?
„Активен член. Активен член кој што секогаш ќе биде тука во партијата и секако ветер во грб на партијата и секако член кој што ќе работи на единството на партијата што се покажа дека вечерва и го има“, истакна Богданка Кузевска.
Постапката за кандидирање почна уште веднаш а претендентите за позицијата претседател на СДСМ имаат 7 дена да ги поднесат кандидатури. Неофицијално најголеми шанси за да ја преземе функцијата има Димитар Ковачевски заменик министерот за финансии кого вчера и самиот Заев го претставил пред Централниот одбор како добро решение што е однапред негово фаворизирање.
„Станува збор за коментар околу квалитетот на човек. Профил на претседател, профил за што утре започнува постапката и секој кој што е заинтересиран ги исполнува условите кои што се пропишани во Статутот и секако другиот профил кој што го кажав, е спремен да носи државнички одлуки, го поддржува евроинтегративниот процес на нашата држава ја става државата и граѓаните пред партијата ќе биде претседател избран од членовите на СДСМ“, посочи Богданка Кузевска.
Ковачевски потврди дека ќе ја поднесе кандидатурата за прв човек на СДСМ.
„Во рокот од 7 дена ќе подготвам програма и ќе поднесам кандидатура за претседател. СДСМ е партија со најголем кадровски потенцијал и има поголем број истакнати членови кои би биле одлични кандидати. Постапката е демократска и секој што ги исполнува условите може да се кандидира. Она што е најважно сите треба да се обединиме околу избраниот претседател“, вели Димитар Ковачевки.
Неофицијално се говори дека својата кандидатура ќе ја поднесат повеќе од тројца членови на партијата, што дополнително предизвикува стравување кај членството дека по ова ќе дојде до уште поголема поделеност на СДСМ. Токму за ова неодамна говореше и поранешниот претседател на СДСМ Владо Бучковски во емисијата Клик плус на ТВ21.
„Се чувствува тенденција по заминувањето на Заев дека има пројавено амбиции неколку групации кои беа досега незадоволни од начинот на кој СДСМ ја водеше политиката од Преспанскиот договор па до ден денес. Мислам дека ја препознавате една групација што ја предводи поранешниот претседател на СДСМ и поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски, не го ни криеше тоа“, истакна Владо Бучковски.
Изборите на СДСМ треба да се одржат на 12 декември. Овој датум се совпаѓа и со внатрепартиските избори на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои за прв пат ќе бидат одржани во Скопје.
