Одговорност за случајот со давањето државјанство на контроверзниот олигарх Олександар Онишченко мора да има, вели премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека наскоро ќе има смена на директорската позиција на Агенцијата за национална безбедност каде сега е Виктор Димовски, но иако тоа прозвучи дека и шефот на безбедносните служби ќе ја понесе одговорноста тоа нема да се случи бидејќи неговата смена е затоа што тој наскоро заминува на амбасадорската функција во Париз.
„Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност, да ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Тоа е затоа што директорот е веќе со испратени агремани за амбасадор во Франција и веќе е отпочнат процесот на селекција на нов директор на АНБ“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски за овој случај деновиве рече дека побарал извештај како сите четири институции меѓу кои и АНБ дале позитивно мислење за Онишченко да добие позитивно мислење за добивање државјанство. За ова утре Димовски треба да реферира на владина седница.
„Она што јас побарав е детален извештај врз основа на спроведена истрага или анализа согласно со процедурите на Агенцијата за национална безбедност и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден, меѓутоа вие и самите знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации“, вели Ковачевски.
А минатата недела на затворена седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ отчет даваше токму Димовски, но скандалот да биде уште поголем, се случи безбедносен пропуст од оваа седница. Токму кога реферираше шефот на безбедносните служби протече аудио пренос на јутјуб каналот на Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери ги чека резултатите од спроведената истрага на МВР.
„Истрагата е во тек. Штом добиеме официјални информации од МВР, ќе информираме“, соопштија од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Скандалот со доделувањето македонско државјанство на контроверзниот олигарх со украинско потекло Олександар Онишченко кој е на црната листа на САД, изби минатата недела откако беше речено дека за тој да го добие државјанството позитивно се изјасниле четири институции. Првиот човек на АНБ Виктор Димовски се правдаше дека лицето задолжено да го направи последното ниво на проверка со консултација со НАТО не си ја извршило задачата.
