Ковачки: Од каде му се парите на Дрин Ахмети? – Ковачевски: Не коментирам како Дрин Ахмети се стекнал со фирмите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Неполни два часа траеше дебатата по старите пратенички прашања на која опозицијата реагираше дека се прави сценарио да се избегнат прашањата, по што излегоа од салата и рекоа дека ќе се вратат кога ќе започнат да се поставуваат прашањата. Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ сите три прашања ги постави за случајот со купувањето на дел од трговскиот центар Соравија на внукот на Али Ахмети. Од каде се фирмите и парите и дали ќе побарате оставка од Али Ахмети, праша Ковачки.

„Дали ќе побарате оставка од Али Ахмети. Главното прашање е од каде се парите. Односно, дали се точни гласините дека Али Ахмети ќе профитира од Соравија со тоа што ќе бидат натерани фирми кои соработуваат со државата или профитирале од бизниси дадени од ДУИ на тендери да плаќаат кирија за закуп за канцелариски простор во тој трговски центар Соравија. Дали ДУИ ќе ги пере парите од рекет?“, вели Драган Ковачки.

Премиерот Ковачевски рече дека нема да коментира од каде му се фирмите на Дрин Ахмети. За тоа, рече тој, треба институциите да одговорат.

„При ваква трансакција Управата за финансиско разузнавање е обврзана да го провери текот на парите бидејќи се работи за трансакција која што е над минимум лимитот кој што не се проверува а се работи за меѓународна финансиска трансакција, што значи дека Управата за финансиско разузнавање треба да ги направи сите проверки. Јас нема да коментирам дали некој и на колку години со каков имот и какви фирми се стекнал“, посочи Димитар Ковачевски.

Очекувано второто прашање од опозицијата се однесуваше на ставањето на црната листа на САД на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, на кој беше прашано дали премиерот Ковачевски ќе побара оставка од струшкиот градоначалник.