Ковид кризата и економијата – Заев: Излегуваме од кризата, а економијата продолжува со растот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Економијата заздравува а кризата одминува, а национална економија е стабилна и ќе продолжи да расте. Ова го рече премиерот Зоран Заев на Економско-финансискиот форум за последиците од рецесијата предизвикана од пандемијата со Ковид 19.

„Ние остануваме посветени на подигнувањето на стандардот и условите на живот во Северна Македонија. Нашите заложби за креирање на предвидлив деловен амбиент преку воспоставување на механизми за владеење на правото, стабилни економски политики како креирање поволни услови за инвестирање се веќе потврдени. Новите инвестиции и резултатите се потврда за економската активност во технолошко-индустриските развојни зони кој е во постојан раст“, рече Заев.

Вицепремиерот Артан Груби истакна дека важен предуслов за добра економија е сузбивањето на корупцијата. Пандемијата е привремена, таа ќе си замине. Додека постојана закана за растот на секоја економија и општество е корупцијата и немање владеење на правото, рече Груби.

„Без одржливо владеење на правото не можеме да имаме кредибилни институции и доверба на јавноста кон системот. Некредибилни институции значат недостиг на јавна доверба што доведува до селективна и корумпирана правда, а тогаш немаме стабилни инвестиции, стабилна бизнис клима“, изјави Груби.

Амбасадорката на Соединетите Американски Држави Кејт Мери Брнз ја пофали Владата и рече дека со мерките кои беа промовирани се заштитени многу работни места.

„Вашата економија покажа дека може да се адаптира и да успее. Оваа земја докажа дека има волја да ги искористи промените со кои се соочува, уште на почетокот на панде мијата кога немаше набавки, текстилните компании брзо почнаа со масовно производство, произведуваа маски. Се овозможи помош на најранливите категории, Владата брзо имплементираше широк опсег на мерки кои ги заштитија работните места“, кажа Брнз.

На форумот, голем дел од излагачите истакнаа дека заздравувањето во светски рамки во голем дел ќе зависи од процесот на вакцинација.