Со цел надминување на долгогодишниот проблем со сметот и подобрување на јавната хигиена, денеска беа официјално промовирани новите специјализирани возила за комунална хигиена. На настанот присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, како и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Набавката на новата и современа механизација е реализирана со поддршка од Светска банка, а истата треба значително да ги зајакнат капацитетите на терен, овозможувајќи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот низ сите скопски населби.
„Сметот со години беше еден од најгорливите проблеми во Скопје. Уште од првиот ден ветив дека нечистотијата и преполните контејнери ќе станат минато. Денес зборот станува дело. За нас чистотата на градот не е повремена акција, туку секојдневна обврска кон сите граѓани“, истакна Ѓорѓиевски.
Покрај механизацијата обезбедена со поддршка од Светска банка, Градот Скопје во завршна фаза има и сопствена набавка за дополнителни специјализирани возила и над 3.300 нови контејнери.
Градоначалникот упати благодарност до премиерот Мицкоски за, како што рече, најголемата поддршка што локалната самоуправа ја добила од осамостојувањето до денес, до вицепремиерот Николоски, како и до директорката на Светска банка за Македонија за успешното финализирање на овој проект.
