Кремер: Добро е што се прифати францускиот предлог – „До 2030 е можно Македонија и Албанија да станат членки на ЕУ“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Прифаќањето на францускиот предлог ќе се покаже како многу добар потег за граѓаните на Македонија, оценува Ричард Кремер добар познавач на случувањата на Западниот Балкан, од организацијата Алијанса САД-Европа во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик. За иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ да организира референдум вели дека не гледа проблем да се организира изјаснување за било кое важно прашање, но потенцира дека Македонија има демократски избрана Влада кој е насочена кон членство во Европската унија.

„Имаше компромиси. Бугарија мораше да направи отстапки, Северна Македонија, исто така. Така се постигнува напредок. Не се сите среќни секогаш при компромис, но тоа е суштината на преговорите. Негодувањата за прифаќањето на францускиот предлог се поради зголемени емоции во моментов. Но – на долг рок, мислам дека сите граѓани на Северна Македонија, ќе го ценат членството во ЕУ и во НАТО, што е природна траекторија каде се движи земјата во моментов“, вели Ричард Кремер.

Кремер оценува и дека е можно до 2030 година Македонија и Албанија да станат членки на Европската унија, но  дека и двете земји треба да работат на владеењето на правото.

„Остварливо е. Има генерализирање дека постои загриженост за нивото на корупција во Албанија. Но, албанскиот премиер Еди Рама покажа дека иако не може да се сузбие целосно, но има напредок на тоа поле. Истото се случува и во Северна Македонија. Владеење на правото, одговорна и транспарентна влада, организирање фер и слободни избори би биле посакувани компоненти од една демократска земја. Тоа би било инспиративно за другите аспиранти кон ЕУ во регионот“, додава Ричард Кремер.

Сепак ВМРО-ДПМНЕ не отстапува не само од најавите за организирање референдум, туку и тврди дека нема да дозволи уставните промени. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски го искористи и вчерашниот ден во обраќањето на големиот празник Илинден да потсети дека ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто на ставот дека нема да поминат измени на Уставот.

„Јавно повикувам да поддржиме референдум. Сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука. И сакам тука да  потенцирам уште еднаш по којзнае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот. Гаранцијата, блокадата и чувањето на Уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се факт и тоа останува. Нема промена на Уставот под овие околности, по ниту една цена“, порача Христијан Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега се уште нема утврдено на што ќе се однесува иницијативата за референдумот, но истовремено немаат дефинирано ниту кое ќе биде прашањето.  За ова, велат од партијата, интензивно се водат консултации со експерти.