Владата ја продолжи кризната состојба поради ризик од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, со што се остава можност институциите навремено да реагираат доколку се појават проблеми на енергетскиот пазар.
Новиот период на важност на кризната состојба ќе трае од 21 јули до 21 октомври, информираат од Владата.
Одлуката, како што наведуваат надлежните, има за цел да обезбеди континуитет во преземањето мерки и да овозможи побрзо постапување во случај на нарушувања во снабдувањето или значителни ценовни промени на нафтата и нафтените деривати на меѓународните пазари.
Со продолжувањето на кризната состојба, институциите ќе располагаат со механизми за одржување на стабилноста на пазарот и ублажување на евентуалните последици врз граѓаните и стопанството.
Владата посочува дека внимателно ќе ги следи движењата на домашниот и глобалниот енергетски пазар и, доколку условите го наложат тоа, ќе презема дополнителни мерки за обезбедување сигурно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати.
Одлуката, по завршување на потребните процедури, ќе биде доставена до Собранието на разгледување и усвојување согласно законските надлежности.
