Културните институции и натаму без активности, актерите подготвени за уметност, но не и министерството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Едноставно актерите седнуваат на местото на публиката каде има 600 места, 20 лица седнуваат на простор од 10 метра оддалеченост еден од друг. Јас седам на сцената и едноставно зборуваме, објаснуваме, не се тоа нормални проби“

Во вакви услови остварува подготвителни активности режисерот Ќендрим Ријани од Тетовскиот театар. Но овие активности не ги реализираат и другите театри и културни институции. Таков е случајот со Албанскиот театар во Скопје кој освен што нема добиено дозвола за отворање по реновирањето, не може да функционира ниту во други објекти бидејќи во март се прекинати сите културни активности поради пандемијата. Вршителот на должност директор, Иљбер Муртези вели дека на репертоар имаат 3 претстави кои можат да ги прилагодат на актуелните услови и да ги држат на отворено, но и за тоа е потребна одлука од Владата или Министерството за култура.

„Ова зависи од горе, од Владата која треба да одлучи за културните институции. Станува збор за специфична професија, глумењето, другите институции како музеите можат да најдат решение, но кога станува збор за театарска претстава, малку е попроблематично. Во последно време гледам како да најдеме некоја средина, барем две- три претстави што ги имаме на репертоар да ги изведеме на отворено“, рече Муртези.

Но за реализирање на театарска претстава потребен е директен контакт меѓу актерите. Колку е возможна идејата за реализирање претстави дури и на отворено? Ќендрим Ријани дава неколку предлози.

„Публиката може да биде во сала, како што почна во Германија. Добар пример е Германија, публиката да биде во сала оддалечени еден од друг, што значи салите да се проектираат на начин да не бидат преполни. Да има простор од еден до друг кога седат во публика, а актерите да изведуваат проба. За мене лично актерите можат да ги почитуваат мерките одржувајќи хигиена пред да влезат на проба, да се направи дезинфекција“, изјави Ријани.

Полесно е за музеите и галериите, бидејќи таму нема контакт меѓу уметниците, а публиката може да се менаџира, вели ликовниот уметник Бурхан Ахмети.

„Бидејќи повеќето институции почнаа со работа, ќе беше добро и галериите и музеите во РСМ постепено да почнат со своите активности со програмата за оваа година, исто така би било добро, бидејќи повеќето од актерите создадоа исклучително добри дела, некои од нив да бидат изложени.“, рече Ахмети.

Но за враќање на културните институции не е подготвен протокол и затоа од Министерството за култура се уште не кажуваат датум. Од ова Министерство за ТВ21 велат дека се очекува наскоро да се подготви протокол.

„Од добиените предлози се очекува во брз рок да се подготви предлог – протокол за организација на работата и од аспект на внатрешна организација  на работата во јавност, посетителите и корисниците почитувајќи ги препораките за заштита на здравјето на граѓаните.“, велат од министерството.

Културните институции не се во иста ситуација и во државите од регионот. Во Косово се отворени музеите, а во Албанија од понеделник се враќаат и театрите со своите активности. Во нашата земја културните институции се затворени од средината на март, како последица на мерките за спречување на заразата со Ковид-19.