Луѓе кои чекаат пред маркети… Луѓе седнати во парк… Возила постојано во движење… Вака изгледа градскиот плоштад во Куманово секој ден во претпладневните часови, и покрај тоа што властите постојано апелираат да не се излегува надвор. Прашавме неколку граѓани што мислат за барањето на градоначалникот Максим Димитриевски – градот да се стави во двонеделен карантин? Една кумановка беше на став дека ваквата одлука е повеќе од потребна.
Но, поголемиот дел се против, бидејќи како што велат, оваа мерка ќе го отежни нивниот секојдневен живот.
„Не ова не е добро. Ова ќе биде тешко за нас. Не, не полошо би било“, истакнува граѓанка.
На иста линија со граѓаните е и пратеникот Реџаил Исмаили. Како што вели тој, би било многу тешко граѓаните да се снабдат за период од две недели.
„Имајќи предвид дека следната недела почнува месецот Рамазан, јас мислам дека не треба да има двонеделен карантин, туку само да се ограничи движењето на луѓето. Двонеделен карантин во овој град е невозможен од причините што ги наведов претходно. Потребите, секојдневието, работата на луѓето се такви, и народот е таков каков што е, и мислам дека не можат да се снабдат за две недели“, истакна Реџаил Ислаили.
Пратеникот предложи граѓаните да се поделат во три категории и нивното движење да биде ограничено по часови. Сите се на став дека целосна изолација треба да има само за викенд.
Рекордниот број на заразени со коронавирус во Куманово ја наметна потребата за прогласување карантин. Досега во овој град има 302 позитивни случаи на вирусот.
