Не е срамота да се работат по две три работи за да се преживее – им порача на граѓаните новиот гувернер на Народната Банка, Трајко Славески во емисијата Бизнис 21.
Прашан што ќе преземе Народната банка за намалување на инфлацијата и кој рецепт им го препорачува на граѓаните за да преживеат со 400 евра минимална, одговори:

„Јас сум работел за минимална плата во САД во Бостон во супермаркет 12 месеци додека студирав ..И Тие што заработуваат минимална плата работат на 2 или 3 работни места.. И би им порачал во одреден период од животот секој од нас, и тоа не е срамота, како дополнителна работа, може да работи за минимална плата но трудете се никогаш повеќе според своите квалификации во кои што ќе вложувате да не се најдете во ситуација да барате работа со минимална плата“, вели Славески.
Славески истакна дека куповната моќ на македонската минимална плата е повисока од 10 земји од Европската унија и порача на граѓаните да го проверат тоа.

„Со што сме заслужиле ние да имаме поголема куповна моќ на минималната плата од 10 земји на ЕУ кои што имаат 2 пати 3 пати повисок доход од нас пер капита. Одржливо е тоа?“, вели Трајко Славески.
На ставовите на новиот Гувернер реагираше опозициската СДСМ. Велат Трајко Славески со платa од 3.000 евра им порачува на граѓаните да работат по три работи.

„Во своето срамно интервју на ТВ21, Славески изјави дека минималната плата не гарантира пристоен живот и дека „не е срамота да се работи по две-три работи“. Тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, земал плата над 3000 евра, и сега ги поучува граѓаните дека не треба да очекуваат повеќе – туку да се распарчуваат на три фронта за да преживеат“, велат од СДСМ.
Од СДСМ прашуваат дали премиерот Мицкоски ги дели ставовите на Славески или токму тој го инструира вака да зборува и да ги потценува граѓаните?
