Косовскиот претседател, спикерот и премиерот официјално го потпишаа писмото за апликација што имаат намера да и го предадат во четврток на Чешка, која претседава со ЕУ.
Апликацијата доаѓа во време на долготраен спор со соседна Србија, која веднаш повика да се откаже процесот.
„Преземаме одлучувачки чекор кон витализирање на нашиот колективен сон, нашата неповратна амбиција. Денеска сме заедно да ја однесеме нашата земја чекор поблиску до Европската унија, со што ќе придонесеме самата ЕУ да оди чекор поблиску до целта, слободна Европа во мир“, вели Вјоса Османи.
„Заслужуваме да бидеме земја-кандидат и да го започнеме нашиот пат кон отворање на преговорите за полноправно членство во Европската унија, фаза која сакаме да ја постигнеме што е можно поскоро. Земањето кандидатски статус има значителна тежина и со право се смета како прв печат за одобрување на европската перспектива“, порача Глаук Коњуфца.
„Денес го правиме првиот чекор кон членство во најголемата организација за мир и просперитет во Европа, Европската Унија. Апликацијата за членство во ЕУ која денеска беше потпишана од шефовите на институциите на нашата република ќе биде предадена во Прага на чешкото претседателство со Советот на ЕУ. Ова е историски момент за нашата земја, кој има за цел да отвори ново поглавје за нашата држава и општество. Напредокот ќе зависи од нашата посветеност на длабоки и трансформативни реформи кои ќе ја унапредат демократијата, ќе го зајакнат владеењето на правото и ќе ја развијат нашата економија“, порача Албин Курти.
Косово прогласи независност на 17-ти февруари во 2008-ма година. Процесот за Косово, последната земја од Западен Балкан што аплицираше за приклучување кон 27-члениот блок, веројатно ќе биде долг и тежок.
Српската влада одби да ја признае државноста на Косово и сè уште го смета за дел од Србија, иако таму нема формална контрола.
Србија реагираше со гнев на апликацијата на Косово за ЕУ и официјални лица рекоа дека ќе побараат од петте земји на ЕУ кои не го признаа Косово, плус Унгарија, да ја блокираат иницијативата во Брисел.
Петте се Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Кипар.
Проширувањето на ЕУ беше во застој во последниве години.
Но, откако Русија ја нападна Украина кон крајот на февруари, претставниците на ЕУ нагласија дека засилувањето на ангажманот на блокот со државите од Западен Балкан е поклучно од кога било за одржување на безбедноста на Европа.
