Курти повтори дека ЗСО не поминува, опозицијата го обвини дека веќе ја прифатил

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Косовскиот премиер Албин Курти, за време на дискусијата во косовското Собрание за Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија ја повтори фразата „Заедницата не поминува“, но опозицијата го обвини дека тој веќе ја прифатил.

-Заедницата помина овде во Собранието. Но таа не поминува. Не беше поддржана од Уставниот суд. Не беше прифатена од народот. Заедницата не поминува ниту од премиерот, ниту од Владата, рече Курти.

Премиерот кажа дека прашањето за формирање на Заедницата на српските општини е тоа што најмногу се бара од Србија во дијалогот.

-Кога ќе се сретнам со претседателот на Србија во Брисел, тој само вели „Заедница“ и ништо повеќе, изјави Курти.

Претседателот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, говорот на Курти во доцните полноќни часови го нарече бајка.

Тој кажа дека Курти покажува како изгледа кога „промената има форма“.

-Само што ја слушнавме приказната дека Курти не се променил. Човекот кој бараше ’не преговори, туку самоопределување’ не се промени. Човекот кој бараше извинување пред дијалогот не се промени. Тој што бараше конфронтации со минатото и кој на крајот ја надмина историјата. Оној кој бараше признание заврши со неутралност. Човекот кој имаше шест услови заврши со ниту еден, рече Абдиџику.

Пратениците од опозицијата го обвинија Курти дека се откажал од ветувањата што ги дал во предизборната кампања со прифаќање на европскиот план.

Претставникот на Демократскиот сојуз на Косово, Дритон Селманај, потсети на шесте услови кои Курти ги наведе на почетокот на февруари за прашањето на Заедницата и додаде дека се откажал од нив со прифаќање на европскиот план.