Кузеска: Семејната фирма на Томовски го „чисти“ државниот буџет – oд ВМРО-ДПМНЕ со одговор: Политички контрукции без конкретни докази!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ трет ден по ред со прес конференции, за како што велат, скандалот со семејната фирма на Ивица Томовски, првиот човек на владината служба за општи и заеднички работи. СДСМ обвинува дека негова семејна фирма добивала тендери, во вредност од неколку милиони евра. Неговиот телефонски број е пријавен за контакт во фирмата, а во истата фирма биле неговиот татко, внукот и зетот. СДСМ обвинува дека дел од парите од тендерите, биле уплатувани како донација на сметкаљ на ВМРО-ДПМНЕ.

„Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од оние кои најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ, впрочем таа сума може да се провери во овој јавно достапен документ, каде е наведено како Томовски донира средства, високи суми на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари, 100.000 денари, редовно Томовски уплаќа на сметката на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Богданка Кузеска.

Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека опозицијата повторно  со политички конструкции, без да понуди ниту еден конкретен доказ за каков било прекршок. Како што велат тие, Томовски нема надлежност, нема учество во постапки за јавни набавки и нема ниту една службена одлука што може да се поврзе со тендери.

„Прва лага. СДС тврдеше дека фирмата на Томовски добила милионски тендери. Вистината е дека Томовски нема фирма и нема никакви приходи од споменатата компанија кое таа самата го потврди. Втора лага. СДС велеа дека главниот број на фирмата е бројот на Томовски. Вистината е следна, службените броеви на компанијата се други, а личниот број на Томовски со години е негов. Трета лага. СДС тврди дека Томовски бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ и тоа било потврда дека тој имал бизниси. Вистината е следна, јавен и никогаш скриен податок е дека Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ и тоа не значи кршење на било каков закон“, вели Валентин Манасиевски.

Откако во саботата СДСМ ја одржа првата прес конференција, на која ги изнесоа обвинувањата кон Томовски, тој во својата реакција порача дека не е сопственик, не приходува и нема никаква директна врска со споменатата компанија. Томовски воедно додава дека од пресовите на СДСМ не слушнал, каков криминал направил, ниту пак видел докази за тоа. Побара извинување од опозициската партија, кое не го доби. СДСМ ги повика Антикорупциската и Јавното обвинителство да покренат истрага за конфликт на интереси и за можна корупција.