Во лабораторијата на Факултетот за прехранбена технологија при Универзитетот во Тетово беше промовирана опремата за детекција на пестициди во храната што секојдневно ја консумираме. Таа е донација од Министерството за земјоделство, во рамки на програмата за рурален развој. Чини 12 милиони денари.
„Оваа опрема која ќе се користи за детекција на пестициди во храната и слични производи е уште еден показател дека грижата за здравјето на граѓаните и потрошувачите е на високо ниво. Оваа поддршка значи одговорен пристап не само кон компаниите кои ќе имаат потреба од вакви тестирања, туку дополнително и кон Универзитетот, а самите студенти ќе можат да ја користат оваа опрема за научни цели“, порача Цветан Трипуновски.
„Станува збор за инвестиција од околу 200 илјади евра, односно 12 милиони денари, преку програмата за рурален развој. Мерка 1, поточно техничка поддршка во земјоделството и рурални инвестиции, која покрива 100% од трошоците за модернизација на лабораториската инфраструктура“, вели Алберим Хоџа.
Ректорот на Тетовскиот универзитет, Јусуф Зендели, изјави дека оваа опрема ќе им служи на студентите од сите циклуси, додека деканот на Факултетот за земјоделство, Гафур Џабири, нагласи дека опремата особено ќе се користи за анализи на тешки метали и напредни истражувања.
„Студентите ќе имаат можност своите научни истражувања, практичниот дел, да го реализираат во лабораторија, а пред сè ќе се создаде и мост со компаниите од оваа област. Исто така, заедно со деканот и нашиот кадар ќе имаме можност да придонесеме за квалитетот на храната“, порача Јусуф Зендели.
„Исклучително сме задоволни од реализацијата на овој проект. Станува збор за ICBMS реализиран со Министерството за земјоделство. За нас ќе биде од особено значење за анализите што ќе ги вршиме за тешките метали“, вели Гафур Џабири.
Проектот беше оценет како важен чекор кон модернизација на лабораториската инфраструктура и зајакнување на соработката меѓу академските институции и агро-прехранбениот сектор, што директно ќе влијае врз подобрувањето на квалитетот и безбедноста на храната во земјата.
