Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека руската и американската делегација на разговорите во Ријад „не само што се слушале, туку и се слушнале“ и најави претстојно отворање на амбасади во двете земји.
Лавров на прес-конференција по средбата рече дека двете страни се договориле да обезбедат „најбрзо можно“ именување на амбасадори во двете земји и отстранување на бариерите што американската администрација, особено онаа на претходниот претседател Џо Бајден, ги поставуваше меѓу дипломатските претставништва долги години.
Тој додаде дека меѓусебното присуство на амбасадите е „практично договорено“, што значи дека двете страни се согласиле дека треба да ги решат прашањата за функционирањето на дипломатските претставништва, пренесува „Гардијан“.
Тој ги оцени разговорите меѓу двете делегации како „многу корисни“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио по средбата изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е единствениот лидер кој може да донесе мир во Украина.
Тој на новинарите по состанокот на делегациите на САД и Русија во Ријад изјави дека крајот на украинскиот конфликт мора да биде прифатлив за сите инволвирани страни, вклучително Украина, Европа и Русија.
„Целта е да се обезбеди мир за Украина кој е праведен, траен, одржлив и прифатлив за сите вклучени страни“, рече тој, според Скај њуз.
Рубио рече дека „останува уште многу работа“ и дека целта на денешната средба е „воспоставување линии на комуникација“ по долгиот период на молк меѓу Вашингтон и Москва. Тој исто така изрази уверување дека Русија сака да постигне договор.
