Состојбата на тројцата тешко повредени по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад се уште е критична и лекарите се борат за нивниот живот, изјави директорот на Клиничкиот центар на Војводина, др. Весна Туркулов.
„Охрабрувачки е веста дека се живи, но ситуацијата се уште не е стабилизирана. Се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за нивниот живот се уште трае“, изјави др. Туркулов.
Тим од психолози и психијатри е ангажиран да работи со семејствата на повредените, јави Радио-телевизија на Србија.
На 1 ноември 14 лица загинаа, а тројца беа тешко повредени при пад на настрешницата на зградата на железничката станица во Нови Сад.
Погребите на загинатите почнаа во понеделникот, а денеска на гробиштата во Ковиље кај Нови Сад беа погребани три члена од семејството Фириќ, сестрите Валентина (10) и Сара (6) и нивниот дедо Ѓорѓе Фириќ (53).
Во меѓувреме, српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ во вторникот и официјално поднесе оставка, која ја соопшти ден претходно. Весиќ на својот Инстаграм потврди дека формално поднел оставка сакајќи да покаже, како што напиша, дека во денешна Србија има морална одговорност поради страшната трагедија која се случи во неговиот ресор.
Тој во понеделникот пред новинарите изјави дека не може да ја прифати вината за смртта на 14 лица кои загинаа во петокот бидејќи, како што тврди, ниту тој ниту неговите соработници придонеле за таа трагедија, ниту пак имаат никаква одговорност за неа.
Тој се повлече под притисок на јавноста откако српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот вечерта, по несреќата, изјави дека ќе бара и кривична и политичка одговорност за трагедијата на железничката станица во Нови Сад.
