Лекарската комора е во исчекување на документите од Министерството за здравство за формирање на специјална комисија за надзор на осум сомнителни досиеја за евентуални злоупотреби на Клиниката за кардиологија. Претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, изјави дека надзорната комисија треба да има најмалку тројца членови и еден правник од Комората, но ако станува збор за посложени случаи, според неа, треба да има повеќе од тројца членови. Гривчева вели дека Министерството сè уште не доставило ниту едно досие.
–Имаме најава дека ќе се врши надзор на 8 случаи преку вонреден надзор. Според процедурата, надзор се врши кога досиејата ќе пристигнат, но сè уште немаме документи во Комората. По нивното пристигнување, се формира специјална комисија која оценува од која област треба да се повикаат луѓе за да се изврши надзорот на поквалитетен начин. Комисијата што го врши надзорот е професионална, а почетната комисија има задача само да ги собере соодветните луѓе, изјави Калина Гривчева – Старделова, претседателка на Лекарската комора.
Министерот за здравство Азир Алиу вчера информираше дека осум случаи се пријавени до Внатрешната комисија, формирана по информациите за можни неправилности поврзани со одредени кардиохируршки интервенции, и дека од Лекарската комора е побаран надзор.
-Сакам да ве информирам дека медицинските досиеја за осум случаи се доставени до Внатрешната комисија. Комисијата ќе ги обработи сите детали со цел да се утврди вистината врз основа на медицински факти. Комисијата ќе се состане утре и овие досиеја ќе бидат првите случаи на кои ќе постапува. Истовремено, Министерството за здравство побара вонреден надзор од експертите на Лекарската комора, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Според правилникот, Лекарската комора може да врши вонреден надзор во здравствени установи по барање на министерот за здравство, Санитарно-здравствениот инспекторат, по судски налог, или по барање на членови на семејството или на пациент. Во случајот со сомнежите за злоупотреби на Клиниката за кардиохирургија, пријавите се направени од самата болница до Министерството за здравство.
