Извршниот одбор на Лекарската комора организираше прес-конференција во врска со случајот со родилката од Дебар на која ѝ беа извадени три органи.
Пред новинарите излегоа 8 члена на комората заедно со претседателката, Калина Гривчева-Старделова, но овојпат без лекарот Мухамед Асани, кој е дел од одборот, а кого родилката го обвинува за несоодветен третман.
Сепак никој од деветтемина лекари не можеше да објасни – зошто родилката Јилдиз Веапоска остана без бубрег, јајник и матка?! Не открија ниту што пишува во извештајот од извршениот надзор, кој го водела комисија формирана токму од Лекарската комора.
Од Лекарската комора тврдат дека Јилдиз Веапоска и нејзиниот адвокат не го побарале извештајот, но дека имаат право да го имаат во рака. Тие ги охрабруваат другите институции да го истражат случајот што ја потресе јавноста.
Во куќата на лекарот, истовремено и директор на Болницата во Струга, Мухамед Асани, Државниот санитарен и здравствен инспекторат пред еден месец откри нелегална гинеколошка ординација која ја пријавиле во струшкото Обвинителство. Инаку, претседателката на Антикорупциска побара од Лекарската комора, доктор Асани да се разреши од позицијата директор на струшката болница, но тој се уште е на функцијата , а од Лекарската комора велат дека тоа не е во нивна надлежност.
