Либералите победија на изборите во Канада, Карни остана премиер и најави: „Ние ќе го водиме светот ако САД не сака“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Марк Карни, новиот премиер на Канада и лидер на Либералната партија, им се обрати на своите поддржувачи по неговата изборна победа. Енергичен и решителен, тој го започна својот говор со прашањето: „А кој е подготвен да изгради силна Канада?“, на што толпата ентузијастички го поздрави.

Карни не пропушти да му се заблагодари на лидерот на Конзервативната партија, Пјер Поилиевре, за неговата посветеност на земјата „која двајцата ја сакаме“. Тој во својот говор го спомена и своето семејство, нагласувајќи како неговата сопруга и децата „го инспирираат да служи секој ден“.

„Влегов во политиката затоа што чувствував дека на Канада ѝ се потребни големи промени“, објасни Карни, наведувајќи дека овие промени ќе бидат водени од канадските вредности што ги научил на семејната маса и на хокеарскиот мраз.

Скромноста за Карни значи соработка со сите политички партии, провинции и домородни народи, но и подготовка за тешки предизвици.

„Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата иднина“, предупреди тој.

„Претседателот Трамп се обидува да нè скрши за Америка да може да владее со нас. Тоа никогаш, ама баш никогаш нема да се случи“, рече тој цврсто, додавајќи дека Канада е на „историска пресвртница“ затоа што „стариот однос на интеграција со Соединетите Американски Држави е завршен“.

Карни дел од својот говор го одржа на француски јазик, нагласувајќи дека францускиот јазик и културата на Квебек „се во срцето на канадскиот идентитет“. Тој им се обрати и на гласачите кои не ја поддржуваат Либералната партија: „Секогаш ќе се потрудам да ги претставувам сите што ја нарекуваат Канада свој дом“.

Осврнувајќи се на меѓународните односи, тој најави претстоен разговор со Доналд Трамп за „иднината на две суверени и независни нации“ и зајакнување на партнерствата со европските и другите светски земји.

„Ако САД повеќе не сакаат да бидат на чело на светското лидерство, тогаш тоа ќе биде Канада“, изјави Карни.