Лидерите на 14 земји-членки на НАТО од источниот и северниот дел на Европа предупредија дека повторените нарушувања на воздушниот простор од страна на Русија ја нагласуваат итната потреба од зајакнување на воздушната и ракетната одбрана на Алијансата против ракети и беспилотни летала.
Во заедничката изјава, усвоена по состанокот во Букурешт, лидерите ги осудија, како што наведоа, „конфронтирачките активности“ на Русија, вклучително саботажи, кибернапади и други хибридни закани насочени кон сојузниците и партнерите на НАТО.
„Повторените нарушувања на воздушниот простор на источниот фронт ја истакнуваат потребата од дополнително зајакнување на воздушната и ракетната одбрана, особено против заканите од беспилотни летала“, се наведува во соопштението.
Романија, Полска и балтичките земји во изминатиот период повеќепати пријавија навлегување на руски дронови во нивниот воздушен простор, додека Москва негира дека намерно ги таргетира земјите-членки на НАТО.
На состанокот присуствуваа и украинскиот претседател Володимир Зеленски, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, како и американскиот потсекретар за контрола на оружјето и меѓународна безбедност Томас ДиНано.
Средбата се одржа во пресрет на самитот на НАТО во Анкара во јули, а една од главните теми била и зајакнувањето на трансатлантската соработка во услови на зголемени безбедносни предизвици и несогласувања меѓу САД и европските сојузници околу кризата со Иран.
Лидерите повикаа и на поголема соработка во одбранбената индустрија, преку зголемување на производствените капацитети, посигурни синџири на снабдување и заеднички набавки на воена опрема.
Изјавата ја потпишаа членките на таканаречената група Б9 – Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка – како и петте нордиски земји-членки на НАТО: Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска.
Украинскиот претседател Зеленски изјави дека очекува самитот на НАТО да испрати „позитивен сигнал“ до евроатлантската заедница и оцени дека Европа треба да размислува и за пообединети и посамостојни воени капацитети.
Украина не е членка на НАТО, но од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година добива значителна воена и финансиска поддршка од Алијансата.
