„За волја на вистината, руската агресија врз Украина го забрза процесот. Не сум сигурен дека БиХ ќе добиеше кандидатски статус да не се случеше руската агресија во Украина. Исто така некои други земји, како што се Молдавија, Грузија исто така добија одредени сигнали од ЕУ…Тоа е некоја компензација“, рече геополитичкиот аналитичар и историчар од БИХ, Адмир Лисица во „10МИНУТИ“ на ТВ21.
„Сметам дека е фер кон БиХ тој кандидатски статус во овој момент, во контекст на сето она што се случило пред 30 години. ЕУ е свесна дека целиот Дејтонски мировен договор, кој е исклучително комплициран, го отежнува функционирањето на БиХ. Дека е големо влијанието на Русија во српскиот ентитет, Република Српска, дека српските власти контиуниурано ја рушат БиХ, без разлика за која партија станува збор, гледаме дека е тешко да се направи политичка стабилност. Се надевам дека сигналот од ЕУ, кој зборува за тоа дека во иднина сака да го види Западен Балкан во ЕУ, дека е искрен. Тоа е политичка одлука, ако зборуваме за доделувањето на кандидатски статус на БиХ, меѓутоа нашата иднина е во ЕУ и мораме да бидеме свртени кон Европа и мора да соработуваме меѓусебно. Еден од тие чекори е пристапување на ЕУ, влез во НАТО за сите членки, некои веќе влегоа. Меѓутоа, она што сакам да кажам дека “благодарејќи“ на таа агресија во Украина нагло се смени политиката кон Западен Балкан. Јас се надевам искрено дека во ЕУ и САД ќе сфатат дека руското влијание на Балканот, особено во БиХ, може да се искорени во потполност со влез на БиХ во ЕУ, се разбира и со приклучување на НАТО. Истото го мислам и за останатите земји од Западен Балкан.“, истакна тој.
