Лицето кое пукаше се уште е на слобода, двајцата ранети во Арачиново се во стабилна состојба

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако поминаа повеќе од 24 часа, полицијата нема нови детали за вооружениот напад во Арачиново. Лицето кое пукаше со калашников кон градоначалникот на општината, Ридван Ибрахими и повреди две лица, се уште не е фатено.

-СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот. По расветлување на случајот ќе ја информираме јавноста за тоа-велат од МВР.

Од торакалната клиника информираат дека состојбата на 21-годишниот А.А. е стабилна и се опоравува. Во добра состојба е и Е.С. 39 кој лежи во Градската болница се очекува за неколку дена да биде отпуштен на домашно лекување.

Но, како што информира ТВ21, ова не е прв напад врз Ибрахими. Пред една година пријави за закани кои ги добивал од поранешниот градоначалник на Арачиново, Брахим Ајвази. Проблемот бил поради имотно-правни прашања, но за вчерашниот напад се уште не се знае дали е од истата причина.

Прашавме како гледа на оваа ситуација првиот човек на ДУИ Али Ахмети, од кого Ајвази пред една година побара помош за решавање на спорот со Ибрахими.

-Мислам дека претходно беше разговарано за да се надминат разликите меѓу г. Ајвази и градоначалникот на општината, го направивме невозможното, но се што направивме не успеа-вели Ахмети.

Од Основното јавно обвинителство велат дека по спроведената истрага на местото на настанот, издадена е наредба за вештачење на трагите и преземање на снимки од безбедносните камери.