Љуботен во 21 век без вода, кој е планот и зошто досега не е реализиран?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ТВ21 неколку пати ја третираше темата за Љуботен и немањето на вода во 21 век, денеска во Изборната дебата го запрашавме актуелниот градоначалник на Општина Бутел Велимир Смилевски за тоа кој е планот и зошто досега не е реализиран.

Смилевски вели дека на минатите избори разговарале со жителите од Љуботен и ветиле дека ќе донесат вода во оваа населба.

„Со месната заедница имавме многу чести состаноци, разговаравме за проблемите со Град Скопје, со Водовод. Имаме еден голем проблем со водата од Железара, која планиравме да се носи нагоре према Љуботен. Нормално е секоја општина да сака да си ги задоволи своите потреби, Водовод Скопје не можеше да ги задоволи потребите, не само на Љуботен туку и на Булачани, Виниче и останатите села и не добивме официјално одобрување за да можеме водоводот да го донесеме во Љуботен, Љубанци и останатите села бидејќи наш приоритет беа тие две села“, истакна Смилевски.

Тој додава дека тоа што е договорено со месната заедница е дека изработено елаборати и имаат обележано пет бунари кои ќе ги ископаат на планината над Љуботен.

„Тие ќе бидат како почетна фаза за дополнување на резерварите кои што се во Љуботен и останува оној проект кој го прави Владата од економската зона во Илинден т.е. ТИРЗ зоната да се носи водата во овие села скопското црногорие“, посочи Смилевски, кој додаде дека се надева во 2022 година ќе се продолжи кон селата кои гравитираат кон Бутел и најави дека за 2-3 години ќе биде решен проблемот со водата.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски пак истакна дека овој проблем ќе биде решен и дека во нивната програма како еден од носечките проекти.

„Гарантираме дека до крајот на следниот мандат, Љуботен и Љубанци ќе имаат вода за пиење и вода за обавување на нормални човечки потреби. Тоа што Смилевски кажа дека не е можно, ние се консултиравме со многу стручни лица и убеден сум дека ќе го приклучиме овој водовод на градскиот водовод“, посочи Костовски.