Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на партијата и порача дека за напредок на државата е неопходен политички консензус околу евроинтегративниот процес.
Таа истакна дека СДСМ и претседателот на партијата Венко Филипче повеќепати подале рака за соработка во однос на уставните измени и европската перспектива на државата.
„Сите сигнали и пораки што ги добиваме од европските претставници се дека мора да си ја завршиме домашната задача, односно да ги донесеме уставните измени“, рече Лукаревска.
Таа се повика на ставовите на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, известувачот Томас Вајц, еврокомесарката Марта Кос и европските амбасадори, кои, според неа, испраќаат јасна порака дека договорените обврски треба да бидат исполнети.
Лукаревска оцени дека граѓаните сакаат земјата да продолжи по европскиот пат, бидејќи членството во Европската Унија носи подобро здравство, посилно владеење на правото и поквалитетен животен стандард.
