Градот Скопје и Министерството за култура и туризам започнуваат нова фаза на институционална соработка со цел унапредување на културната и туристичката понуда на главниот град.
Денес беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Град Скопје и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со кој, како што беше истакнато, се отвора ново поглавје во заедничките активности насочени кон развој на културата, туризмот и културно-туристичката понуда.
Со документот се предвидува засилување на соработката за поголема видливост на културно-историските локалитети, туристичките атракции и јавните културни простори, како и подобрување на условите за информирање, престој и ориентација на посетителите во градот.
Од градските власти порачуваат дека овој чекор претставува важна основа за позиционирање на Скопје како отворен, гостопримлив и културно жив европски град.
Во фокус останува и проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, кој, како што се наведува, претставува процес на трансформација на градот преку зачувување на традицијата, афирмација на културното наследство, оживување на урбаната меморија и создавање нови културни содржини.
Целта, според најавите, е Скопје да се развива како културен центар и атрактивна дестинација за домашните и странските посетители, но и да го зајакне својот европски културен идентитет во годините што следуваат.
