Македонија, Албанија и Србија со договор – за лекување од Ковид-19 трошокот да го покрива државата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доколку се заразите со Ковид-19 надвор од Македонија и се хоспитализирате во Србија или Албанија или обратно, тогаш таа држава ќе ги покрива трошоците за лекување. Овој договор е потпишан меѓу РСМ, Србија и Албанија.

Премиерот Зоран Заев рече дека ќе се поддржиме и ќе си помагаме меѓусебно и доколку дојде до преоптоварување на здравствените системи.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вети дека доколку има потреба болниците во Србија ќе примаат граѓани од РСМ и Албанија.

Србија и Албанија исто така потпишаа билатерален договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти. На средбата Вучиќ изрази задоволство од оваа соработка, додавајќи дека и трите држави се мали и затоа треба да се поддржат меѓусебно.

„Српските граѓани ќе патуваат без пасош не само во Северна Македонија туку и во Република Албанија. Ќе има повеќе Албанци во Ниш и Белград кои сакаат да ја посетат Србија, меѓутоа и повеќе Срби кои сакаат да ги посетат Драч, Тирана, Валона и сите други места во Албанија, како што сакаат да ги посетат Скопје, Охрид, Велес и многу други градови“, посочи Александар Вучиќ.

И Еди Рама, премиер на Албанија, рече дека овој договор е важен чекор за двете држави.

„Ова е добар чекор сега кога Албанија има слободно движење со сите земји, вклучувајќи ја и Србија. Мислам дека ова е важен чекор, толку колку што е важен меморандумот кој го потпишавме за размена на искуства и информации во битката против Ковид-19“, вели Еди Рама.

Што се однесува до самитот во Софија кој ќе се одржи утре, српскиот претседател рече дека ќе ги поддржат Скопје и Тирана и ќе бараат од другите земји поддршка за побрзо членство во ЕУ.