Пораките кои на годинешниов Илинден се испраќаа од државните претставници главно беа насочени кон исполнувањето на обврските за напредување на европскиот пат. Претседателот на Собранието Талат Џафери кој беше на одбележувањето на 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република во својот говор на Мечкин Камен посочи дека сега е време да се донесе најдобрата одлука за иднината на државата. При доаѓањето на владината делегација предводена од Џафери тие беа исвиркани од дел од присутните граѓани. Џафери во чествувањето на големиот празник Илинден положи цвеќе на гробот на Никола Карев во Македониум, како и на споменикот на бранителите на Крушевската Република, и споменикот на Хероите на Слива а присуствуваше и на панихидата во црквата Свети Никола.
„Европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет на сите е веќе на дофат. Сега, како што ви е верувам познато, Република Северна Македонија, граѓаните и во прв ред политичките фактори во земјата се пред уште една голема и одлучувачка одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година, или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој нѐ не води никаде“, вели Талат Џафери.
На одбележувањето пак на првото државотворно заседание на АСНОМ кое се одржа во Меморијалниот центар во Пелинце во близина на Прохор Пчински обраќање имаше претседателот Стево Пендаровски кој побара побрза европска интеграција. Говорејќи за огромното учество на младите во борбата за ослободување а потоа и во самото заседание на АСНОМ, шефот на државата порача дека сега ни е потребна европска држава за да ги задржиме младите во земјава.
„Од АСНОМ па до денес се потврдува една вистина. Тешко е да се дојде до слободна држава но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Токму европските реформи ќе ни помогнат да го оствариме нашиот витален национален интерес а тоа е да ги мотивираме младите да останат во државата и да се вклучат во изградбата на европска Македонија. Затоа без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно започнување на преговорите, во спротивно ќе го изгубиме виталниот дел од општеството“, порача Стево Пендаровски.
Пред споменикот на скопско Кале посветен на слободата „Сила, слава, победа“, премиерот Ковачевски порача дека одлуките на илинденците и асномците не обврзуваат да продолжиме напред.
„И денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. И денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците. Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илиденското востание како преурането, денес на него се гледа како неминовно и неопходно. Благодарение на тоа, ние денес имаме своја држава, единствена, македонска држава“, вели Димитар Ковачевски.
Пораки за одбележувањето на Илинден беа испратени и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој беше на Мечкин Камен пред започнувањето на официјалната прослава. Тој рече дека Илинден е темел и водилка на Македонија, но не пропушти да го критикува државното раководство.
„И денеска македонскиот народ, граѓаните во Македонија покажуваат пркос и знаат за што се борат, а се борат за својот идентитет, за својата држава. Денеска од претставниците на власт ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите знајте дека под маса договараат дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет“, порача Христијан Мицкоски.
Во чест на денешниот ден, државни и партиски делегации положија венци и цвеќиња и пред споменикот на АСНОМ во паркот Жена борец, како и пред споменикот на Ченто на градскиот плоштад.
