Македонија го одбележува 2 Август – националниот празник Илинден, во чест на двата клучни историски настани што ги поставија темелите на македонската државност – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. Под мотото „ИЛИНДЕН-непокор,слобода, иднина!“ со свечености во Крушево, Пелинце и Скопје, се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање, пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје порача дека никој нема право да ја ревидира нашата национална историја. Рече дека државата јакнее преку националното помирување и повика да ги надминеме поделбите и да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес.
„Државата јакнее преку националното помирување. На Ченто му замерувале поради неговата подготвеност да се помири со довчерашните неистомисленици, под услов да застанат на истата, македонската линија. Ако сакаме нашата држава да биде пристојно место за живеење, мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес. Тоа денес ни е потребно повеќе од кога било порано“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, кој ја предводи собраниската делегација на одбележување на 2 Август – Денот на Републиката во Крушево денеска во своето обраќање од Мечкин камен порача дека нашето востание денес не се пушката и Црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитаат деца и нагласи дека демографијата е нашата нова борба за Македонија. Демографијата е нашата нова борба за Македонија,што ќе вредат спомениците, ако нема деца да положат венец- рече тој.
„Илинден нè учи и на нешто друго, нешто што ни е потребно повеќе од кога било. Дека има мигови кога она што нè обединува мора да биде поголемо од она што нè дели. Може да имаме различни политички ставови и различни погледи за патот по кој треба да одиме. Тоа не е слабост — тоа е демократија. Но, постојат работи што мора да стојат над нашите поделби. Македонија е првата меѓу нив“, вели Антонио Милошоски.
Централната прослава традиционално се одржува во Крушево, каде што многубројни државни делегации положија цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на „Слива. Со панихида во храмот „Св. Никола“ и свеченост на Мечкин камен се одбележува годишнината од Крушевската Република. Одбележувањето на годишнината од Првото заседание на АСНОМ се одржа во Меморијалниот центар во Пелинце, каде што се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Во духот на илинденските идеали за истрајност, борба за слобода и непокор, честитки за единство, државност и почит упати целиот политички и државен врв во земјава.
