Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Македонија е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за периодот 2027–2029 година, оценувајќи го изборот како значаен успех за државата и македонската дипломатија.
Според Мицкоски, земјата добила поддршка од 174 држави-членки на ОН, што, како што посочи, претставува потврда за активната и посветена дипломатска работа во изминатиот период.
Тој нагласи дека ова е првпат од осамостојувањето Македонија да биде избрана во едно од водечките тела на Обединетите нации.
„Овој избор е признание за трудот на нашата дипломатија и за довербата што ја градиме со меѓународните партнери“, истакна Мицкоски.
Премиерот потсети дека Македонија претходно стана членка на Советот за човекови права на ОН и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје, оценувајќи дека изборот во ЕКОСОК е продолжение на позитивниот тренд на зголемено меѓународно присуство на државата.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи да работи на зајакнување на позицијата на Македонија во меѓународните организации и на градење нови партнерства во глобалните процеси.
