Македонија ќе биде коорганизатор на машкото сениорско Европско првенство во одбојка 2023 година

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонската одбојка ја доби честа и одговорноста да организира една од групите на машкото сениорско Европско првенство во 2023, а тоа значи дека македонските одбојкари третпат по ред ќе учествуваат на континенталните самити. Добрата вест за одлуката на ЦЕВ да ја прифати апликацијата на ОФМ, на премиерот Зоран Заев, на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, како и на челниците на македонската одбојка, претседателот Петар Јовановски, потпретседателот Стојан Иванов и генералниот секретар Зоран Карановиќ, лично им ја соопшти првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ. На денешниот состанок во Владата, премиерот Заев даде целосна поддршка за организација на еврошампионат, по што Административниот борд на ЦЕВ треба само формално да ја потврди одлуката.

„Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа“, рече Боричиќ.

Успехот на ОФМ да ја заработи довербата на ЦЕВ и да добие поддршка од Владата значи резултатска постојаност и отвора нови опции за развојот на одбојката кај нас. По двете победи на премиерниот настап на големите турнири, меѓу кои и онаа над континенталниот вицепрвак од 2019 – Словенија, како и пласманот на претстојното Европско првенство во септември годинава, доделената организација на една од групите на Европскиот шампионат во 2023 ќе му овозможи на македонскиот национален состав повторно да биде во елитното друштво.

„Силно го поздравуваме лидерството на Одбојкарската федерација на Македонија предводена од Петар Јовановски за активното учество во европската конфедерација. Со помош на Владата, тие успеаја да ја направат Федерацијата пофункционална, да го зголемат капацитетот за организирање врвни настани и да овозможат подобри резултати за своите спортисти“, изјави претседателот на ЦЕВ по средбата со премиерот Заев.

„Се радувам за ваквата чест добиена од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт којшто во последните неколку години забележува одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица“, рече македонскиот премиер Заев.

Добрата вест од ЦЕВ е предвесник на периодот предвиден за машката сениорска репрезентацијата којашто наскоро ќе ги почне подготовките за настапот во Европската сребрена лига. Првиот тунрир од неа од 21-23 мај, како и завршниот на 5 и на 6.јуни ќе бидат одржани во салата „Парк“ во Струмица, а тоа ќе биде дополнителна предност во амбициите да се освои златниот медал. Македонските одбојкари потоа ќе тренираат за учеството на Европското првенство во септември, а во меѓувреме ќе ги дознаат противниците во групната фаза и државата каде што ќе настапуваат. Коорганизатори на ЕП 2021 се Полска, Финска, Чешка и Естонија.