Австрија ќе даде 5% од своите вакцини и за земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија. Ова го изјави австрискиот амбасадор Георг Вуцас во новогодишната честитка.
„На новата 2021 година гледаме оптимистички. Австрија не само што ја поддржува Северна Македонија со итно потребните медицински средства. Австрија исто така ќе даде на располагање 5% од сопствените дози на вакцини против ковид-19 за Западен Балкан. Европската унија не би била комплетна без интеграцијата на Западен Балкан. Токму затоа Австрија, во рамки на процесот на интеграција, максимално се залага за што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција“, рече Вуцас.
Од претходно е јасно дека и Бугарија ќе донира одреден дел од своите вакцини за нашата земја.
Министерот Венко Филипче рече дека владата обезбедила 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку „Ковакс“ системот.
Дополнителна количина ќе се набави и директно од производителите.
Премиерот Зоран Заев пред неколку недели на „Клик Плус“ истакна дека Грција ќе направи нарачка и за нашата земја за вакцини против Ковид-19.
