Одлучувањето за проширување на Европската унија која требаше да се најде на утрешниот состанок на Советот за општи работи во Брисел е оставено на маргините на состанокот поради бугарската блокада. Амбасадорот на Европската унија во нашата земја Дејвид Гир вели дека преговорите со Бугарија треба да продолжат и што поскоро да се најде решение. Перспективата на евроинтеграцискиот процес не е доведен во прашање и не е прашање дали ќе се почнат преговорите туку кога, вели тој.
„Додека траат дискусиите многу е добро да се продолжи со две важни прашања кои што веќе беа кажани од страна на еврокомесарот да се продолжи со напредокот на патот на реформите кои што се потребни за реформите кои што се потребни за Европската унија, исто така да се продолжи со дијалогот со Република Бугарија кој што е дел од заложбите во рамките на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, меѓутоа исто така тој е дел и од Договорот за стабилизација и асоцијација и на самиот процес на пристапување.“, вели Гир.
Висок дипломат од Брисел вели дека претседателството е, „крајно фрустрирано“ поради ситуацијата со блокадата, пренесува дописникот на Радио Слободна Европа.
„Не сме задоволни што Бугарија не дозволува преговори за билатерални историски прашања за кои сметаме дека не припаѓаат на проширувањето. Направено е се што е можно, но никој повеќе не ја гледа светлината на крајот од тунелот.“
Бугарскиот претседател Румен Радев го потврдува тврдиот став на нашиот источен сосед кој вели дека тие остануваат на своите црвени линии и бара да се потпише нов анекс договор.
„Нашите браќа од Република Северна Македонија треба да бидат членки на Европската унија, но ова мора да биде одржлив процес, каде искоренувањето на антибугарската реторика во говорот на омраза каде што објективното признавање на историската вистина треба да биде неповратен процес. И тука Бугарија мора цврсто да стои на своите права.“, рече Радев.
Утре Советот за општи работи на Европската унија ќе го одржи последниот состанок за годинава, на која требаше да се усвои рамката за преговори. Бугарија остана докрај цврста на нивните барања кои се идентитетски и се однесуваат на македонската историја и македонскиот јазик.
