Македонија ќе стане членка на ЕУ – Борел со порака: Оваа година е клучна, подобра понуда нема да има

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јасни пораки од високите претставници на Европската унија Жозеп Борел и Оливер Вархеи дека иднина на Македонија и нејзините граѓани е во ЕУ и дека сега е важно да не се забави, туку да се забрза исполнувањето на реформите, притоа нагласувајќи ја потребата од усвојување на уставните измени. Ова Борел и Вархеи го изјавија на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на 16-от состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се одржа во Владата. Борел порача дека вратата за членството во ЕУ е отворена но дека сите политички партии треба да работат на продолжување на патот кон униајта.

„Да се оди нанапред значи и подобрување на односите со вашите соседи. Тука спаѓа и да се создадат услови да се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна. По договорот од јули ова е најдобриот договор што може да ја добиете и не е реално да очекувате дека ова ќе се отвори да биде повторно дел од преговарањето“, вели Жозеп Борел.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи е оптимист дека Македонија може да стане членка на Европската унија до 2030 година.

„Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години 2-3 години ќе видите дека проширувањето е врвен приоритет за нашите лидери и за ЕУ“, вели Оливер Вархеи.

Но како да се надмине тоа што опозицијата не прифаќа да гласа за уставните промени што е важна обврска за продолжување на преговорите со Европската Унија. Премиерот Ковачевски рече дека Македонија има усвоена преговарачка рамка со ЕУ  и дека обврска на сите политички партии е да придонесат државата да ги исполни обврските. 

„Не постои никаква пречка за одржување на втората меѓувладина конференција помеѓу Северна Македонија и Европската унија и отворање на поглавјата по завршување на скрининг фазата. Единствена која што за прв пат во историјата на оваа држава која што не може да ја стави и нема да ја стави никој од надвор за прв пат може да се случи да самите себе се блокираме заради неодговорно, неодлучно и нестратешко однесување на опозициските партии во државата“, додаде Димитар Ковачевски.

Состаноците на Советот за асоцијација и стабилизација досега се одржувале во Брисел и ова е за прв пат овој 16-ти состанок да се одржи во Македонија.