Македонија одбележува 35 години независност – државниот врв со честитки и пораки за историскиот 8 септември

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На почетокот на свеченоста премиерот Мицкоски го пречека претседателот на Собранието Африм Гаши при што присуствуваа на промената на македонското знаме пред Владата. Свое обраќање на свеченоста „Силно светнал ден“ пред платото на Владата имаше и премиерот Христијан Мицкоски. 

„Овие три и пол децении изградивме институции создадовме сопствен монетарен и економски систем, станавме членка на Обединетите нации, станавме членка на НАТО, минавме низ ембарга кризи, конфликти, економски потреси и политички поделби. Бевме исправени пред тешки прашања за сопствената иднина. И во многу моменти покажавме дека една мала држава може да има голема волја за опстанок“, рече Христијан Мицкоски.

Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи, да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани. Ова во својата честитка на 35-годишнината на независноста го порача претседателката Гордана Силјановска Давкова која им додели Орден „8 Септември“ на Јордан Плевнеш и Раде Силјан, а постхумно ги одликува и Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.

„8 септември не е само историски датум ниту минато свршено време,  туку наша трајна обврска која што секоја генерација ја презема со задача да ја чува да ја гради и да ја направи подобра државата што ја наследила. А државата не е само збир на институции, туку извира и им припаѓа на граѓаните“, рече Гордана Сиљановска Давкова.

Денот на независноста 8 Септември го честиташе и претседателот на Собранието Африм Гаши кој порача дека државата се гради секој ден.

„Оваа годишнина треба да ја гледаме со верба и оптимизам, преку она што сме го изградиле, но и преку она што останува да го направиме. Нашата Република е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. Оваа разновидност не треба да биде извор на поделби, туку наша заедничка сила. Во темелите на нашата држава секогаш треба да стојат еднаквоста и чувството дека секој граѓанин има свое рамноправно место во државата“, рече Африм Гаши.

По повод 35-годишнината од независноста претставници на државниот врв и делегации на институции положија венци и свежи цвеќиња на вечните почивалишта на поранешните претседатели на Македонија Киро Глигоров и Борис Трајковски и на првиот премиер Никола Кљусев, со што им беше оддадена почит за независноста и создавањето и развојот на државата.